Женската сениорска репрезентација на Македонија го доживеа првиот пораз во квалификациите за пласман на ЕП 2024, откако на свој терен загуби од силната Шпанија со 31:19. Двете репрезентации за неколку денови ќе го имаат второто соочување.
Избраничките на Кристијан Грчевски иако по нерешените 2:2 влегоа во криза и дозволија ривалот да постигне четири гола во низа, сепак, македонската репрезентација со погодоците на Ристовска, Саздовска и Гичевска ја преполови негативата и кон средината на првиот дел намали на 6:5.
Македонија во два наврати не успеа да го израмни резултатот и „црвената фурија“ го казни невниманието на домаќинките, направи мини серија одлепувајќи се на 8:5. Шпанија до крајот на полувремето имаше контрола на резултатот, но немаше голема комоција во играта.
До 25 минута предноста на Шпанија беше два до три гола разлика, потоа во финишот падна ритамот во играта на домаќинките, кои ги зголемија грешките, па така поискусната репрезентација со голови, најчесто од контри, успеа за само две минути да направи серија од 5:0 и на пауза замина со плус шест, 17:11.
Македонската репрезентација првиот гол во второто полувреме го постигна дури во 39 минута, до тој момент Шпанија постигна уште шест погодоци, зголеми на 23:11 и веќе тука беше јасно дека избраничките на Грчевски ќе имаат тежок предизвик за да се изборат за пристоен пораз.
На моменти Македонија им парираше на гостинките, но лошиот старт во вториот дел беше причина да заостануваат на голема негатива. Шпанија рутински ги одработи последните 20 минути и немаше поголеми проблеми за да дојде до убедлив триумф.
Најефикасна во редовите на Македонија беше Сара Ристовска со шест погодоци, четири постигна Јована Кипријановска, три додаде Симона Маџовска. Кај Шпанија искусната Александрина Барбоса беше прв стрелец со седум погодоци.
Реваншот меѓу Шпанија и Македонија ќе се одигра во градот Ланцароте на Канарските Острови, на 3 март од 17:00 часот.
Македонија – Шпанија галерија