По првиот триумф над селекцијата на Грција со 33-30, машката репрезентација на Македонија денеска ќе го одигра и вториот пријателски натпревар против јужниот сосед.
Со почеток од 18:00 часот ќе се игра и втората средба, која ќе биде од затворен тип, а двајцата селектори ќе испробуваат тактички варијанти, кои сакаат да ги сокријат од ривалите пред стартот на Европското првенство.
Дебитантот на ЕП во поголем дел од првото полувреме на првиот меч одлично парираше на момците на Кире Лазаров и се изнадава голови, особено од пивотменската позиција.
Сепак во финишот на првиот дел работите си дојдоа на свое место, а на стартот на второто полувреме ривалот беше комплетно надигран. Нашите ракометари имаа мал пад во играта во финишот на мечот, па ривалот тоа го искористи да го ублажи поразот.
Претходно Македонија славеше против Црна Гора со 54-51 во натпревар што се играше во три третини по 30 минути.
Македонија е во група со домаќинот Германија, Франција и Швајцарија, а настапот на ЕП го започнува со дуел со олимпискиот првак на 10 јануари.