Познати се составите на репрезентациите со кои женскиот национален тим на Македонија ќе се соочи на силниот „Трофеј Карпати“ во романскиот град Клуж.
Селекторот на домаќинот, Флорентин Пера, откако остана без Неагу и Пинтеа, мора да се снаоѓа и без Николета Динка и Елиза Бучески, кои исто така нема да играат за репрезентацијата во иднина.
Пера повика 18 ракометарки, сите од домашниот шампионат, а меѓу попознатите се Бјанка Базалиу, Сорина Грозав, Лорена Остасе…
Покрај Грозав и Остасе, во ростерот на Романија е уште една клупска колешка на Сара Ристовска од Рапид Букурешт – Дијана Чиука.
Македонија ќе игра против Романија на првиот ден од „Трофеј Карпати“, односно на 25 октомври од 16:30 часот.
Селекторот на Словачка, Хорхе Дуењас, исто како и Пера ќе смета на 18 ракометарки за настапот во Романија.
Шпанскиот стратег на словачката клупа ќе ја има на располагање најдобрата ракометарка во овој состав, Барбора Ланц од унгарскиот Мошонмаѓаровар.
Во ростерот на Словачка ќе биде и клупската колешка на Ивана Џатевска од унгарскиот Сомбатељ, бекот Карин Бујнохова.
Македонија ќе се сретне со Словачка на вториот ден од турнирот, на 26 октомври со почеток од 13:30 часот.
Последен ривал на избраничките на Кристијан Грчевски во Клуж, ќе биде еден од трите домаќини на Европското првенство, Швајцарија.
Селекторот на Швајцарките, Кнут Ове, за оваа акција и настапот на „Трофеј Карпати“, повика 18 ракометарки.
Ове има на располагање осум интернационалки, од кои четири се во Бундес лигата, а една игра одлично во Лигата на шампионите во дресот на норвешкиот Кристијансанд.
Нема да игра капитенот Керстин Кундиг, која е повредена и ќе се обиде навреме да се рехабилитира за домашното ЕП.
Македонија ќе се соочи со Швајцарија на последниот ден од турнирот, на 27 октомври, со почеток во 11:30 часот.