По поразот од Франција во првото коло, машката кадетска репрезентација на Македонија загуби и од силната Германија со 25-19.
На овој натпревар Македонија беше без Дамјан Митев, а со Христијан Ѓурмешевиќ во ростерот, иако ЕХФ претходно објави официјален состав со Митев. Иако момците одиграа без првиот стрелец од средбата со Франција, сепак му пружија достоен отпор на посилниот ривал. По одличното прво полувреме, Македонија попушти во вториот дел, но и покрај тоа Германците во ниту момент не смееја да се опуштат во поглед на резултатот.
Maкедонија тргна во егал натпревар со фаворитот. Некои наши акции поминуваа добро, а и голманот Николовски беше одличен на стартот, па се играше гол за гол до 8-8. Потоа судиите неправедно ни одземаа една топка, го исклучија Ристевски поради наводна глума додека бевме во напад и Германците казнија со два гола во серија за 10-8 во финишот на првиот дел.
По неколку промашени напади на двете страни, Македонија го имаше последниот напад и Ристевски во последните секунди од девете метри го совлада германскиот чувар на мрежата за минимална негатива на паузата, 10-9.
Беше 11-10 на стартот на вториот дел, но потоа следуваа две грешки во напад, па Танески реши да ризикува со „седум на шест“ и Германија со погодокот на празен гол отиде на плус четири, 14-10.
Ристевски со двата гола во серија за момент ја преполови негативата, но Германците со два брзи гола си ги вратија четирите плус, 16-12. Потоа беше и 20-14 и јасно се гледаше каков тек ќе има овој натпревар до крајот. Имаше грешки и на двете страни, се погодуваше наизменично, но немаше неизвесност околу победникот на мечот.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Ристевски со 11 гола и Илиевски со пет, додека голманот Николовски запиша шест интервенции. Во составот на Германија, девет гола запиша Мудров. Следува ден одмор за кадетите, пред битката со Полска која може да ни донесе место во групите за пласман од 9 до 16 место.