Emine GOKDEMIR, Nurceren AKGÜN GÖKTEPE and Simona STOJKOVSKA, North Macedonia vs Türkiye, Women's EHF EURO 2024, Austria, Hungary, Switzerland, 30.11.2024, Mandatory Credit © Axel Heimken / kolektiff

Македонија има три гола негатива на полувреме против Турција

Женската репрезентација на Македонија губи со три гола разлика од Турција, 15:12, во вториот натпревар на Европското првенство во Унгарија, Швајцарија и Австрија.

Натпреварот го отвори Сара Ристовска за 1:0, но Турција бргу израмни на 1:1. По нерешените 2:2, ривалот на Македонија врза два гола во низа и дојде до 4:2 во 8 минута. Пред Турција да се одлепи на плус два, имаше период, во кој двете репрезентации правеа технички грешки.

Македонија преку Маџовска намали на 4:3, а Турција за дваесетина секунди дојде до 5:3. Нашата репрезентација никако не можеше да влезе во ритам, па така Турција кон средината на првиот дел дојде до 7:4.

Иако Турција не играше најидеално, сепак, знаеше како да ја пробие одбраната на Македонија и по дваесетина минути игра дојде до солидна предност, поведе со 11:6. Кризниот период во редовите на Македонија го прекина Ристовска, со три гола по ред намали на 11:9.

Турција до крајот на полувремето имаше контрола на теренот и во ниту еден момент не дозволи Македонија да се закани, најчесто водеше со три до четири гола разлика. По 30 минути игра резултатот беше 15:12 за ривалот.