Машката кадетска репрезентација на Македонија го освои 19 место на Европското првенство во Црна Гора, откако ја совлада Грција со 26-24. Нашите ракометари добро тргнаа, на паузата имаа три гола предност, потоа зголемија и на шест позитива, но се чини дека прерано почнаа да слават победа, па ривалот се врати на гол негатива. Сепак последниот наш напад заврши со гол на Крстевски и на крајот славеа македонските кадети. Предводник на Македонија беше левото крило Марко Димовски, кој погоди дури 11 пати, а голманот Николовски запиша 10 одбрани.
Грците водеа само со 1-0, а потоа се беше во знакот на избраниците на Наум Танески. Македонските кадети отворија одлично и поведоа со 6-3, а одличен на голот беше голманот Николовски.
И нашиот голман имаше два обиди да постигне погодок, но не беа успешни. Сепак неговите соиграчи Ристевски и Лазов беа прецизни и Македонија се одлепи на плус четири, 11-7, а на паузата се замина со 12-9.
Победата беше обезбедена на стартот на второто полувреме, кога нападот беше добар и Македонија стигна до виски шест гола предност, 16-10, а исто така и одбраната си ја заврши работата и прими само еден гол за десетина минути.
Во продолжение нашите ракометари успеваа да ја задржат предноста, иако и Грците имаа свои моменти, намалија на минус два, имаа и шанса за гол негатива, но одбрани голманот Николовски на две минути до крајот.
Грците играа агресивна пресинг одбрана, нивниот голман одбрани два шута во серија и на стартот на последната минута беше само 25-24. Последниот напад го реализира Крстевски, кој стави точка на натпреварот.