Maкедонија и пружи отпор на Хрватска, но остана со празни раце

Машката кадетска репрезентација на Македонија стартуваше со пораз на Европскиот олимписки фестивал во Скопје, откако загуби од Хрватска со 27-19. Македонија беше рамноправна во првото полувреме, на моменти и имаше предност, но со лошото отворање на вториот дел му дозволивме на ривалот да направи голема залиха, која потоа беше тешко да се брка до крај.

Хрватска отвори со водство со 2-0 со двата гола на Радман, но по петнаесетина минути Македонија се врати во егал 5-5, па хрватскиот селектор веднаш побара тајм-аут. Во следната акција, нашите кадети останаа без Трајче Костов.

Тој доби директен црвен картон, иако фаулот не беше толку остар. Со ударите од далечина на Угреновиќ и Дамчевски, Македонија за првпат поведе во мечот со 7-6. Набрзина Хрватите вратија и до паузата се играше гол за гол, 10-10.

На стартот на второто полувреме Хрватска ги казни македонските грешки, промашивме и пенал и противникот отиде на највисоки плус пет, 17-12. Лошата серија ја прекина Симоновски, но потоа се играше гол за гол, 19-14, па Кузманоски побара тајм-аут.

Немаше големи промени во македонската игра, Хрватите уште повеќе го засилија темпото и стигнаа до 23-16, а двата гола по ред на Дамчевски и Ѓорѓиески го натераа хрватскиот селектор на минута одмор кога остануваа уште пет минути за играње.

Сепак немаше време за камбек и на крајот Хрватите прославија триумф, а Македонија ќе ја бара шансата на следните натпревари. По три гола во македонскиот состав имаа Петрески, Симоновски, Дамчевски и Угреновиќ.

Во следното коло, утре од 18:15 часот во СРЦ „Кале“, Македонија ќе игра против Шпанија, додека в среда на програмата во истото време на истото место е дуелот против Исланд.