Македонија херојски до реми со Швајцарија, но заврши на второто место

Машката репрезентација на Македонија го освои второто место на „Жолтиот Куп“ во Винтертур, откако ремизираше во драматичен меч со домаќинот Швајцарија, 28-28. Поради подобрата гол-разлика од плус 14, Швајцарците го освојуваат трофејот на домашниот турнир, а Македонија имаше плус 9 и заврши како втора, додека Украина по триумфот над Бахреин е трета.

По првото полувреме домаќините водеа со 18-13, но во вториот дел нашите момците одиграа храбро, се вратија од високата негатива. Успеаја дури и да поведат со еден гол, имаа шанса и за плус два, која не беше искористена, за во послендите секунди Митев да израмни и да донесе реми, кое сепак не беше доволно за трофеј.

По 2-2 на стартот, Швајцарците се одлепија набрзина на плус четири, 6-2, а да не беше Митревски на македонскиот гол разликата ќе беше дупло поголема. Но нашите момци се соземаа од првичниот шок и полека ја топеа негативата. Томовски му се приклучи на Митревски со одбранет пенал, Митев даде два гола во серија, погоди и Велковски, па Македонија стигна на минус еден, 10-9. Беше и 11-10, но потоа момците на Лазаров одново влегоа во „црна дупка“.

Тоа знаеја како да го казнат Швајцарците, набрзина ги реализираа своите шанси по одбраните на Портнер и нашите грешки, па во еден момент беа на плус шест, 18-12, пред Пешевски на четири секунди до сирената да погоди. На стартот на второто полувреме се играа брзи акции, се погодуваше на двете страни, а искористивме одбрана на Митревски и една домашна грешка и Македонија се доближи на минус три, 21-18.

Митев пропушти прилика уште повеќе да намали, но таквата шанса ја искористи Атанасијевиќ, а по уште една грешка на Швајцарија, капитенот Кузмановски во брз трк казни за 25-24 и Шмид мораше да реагира со тајм-аут. Но и покрај тоа, Македонија ги играше најдобрите минути на овој меч, успеа и да израмни преку Џонов на 26-26, а по одбраната на Томовски, тргнавме во напад за прво водство на мечот, кој не успеа да го реалзиира Серафимов.

Но сега и Швајцарците тешко го наоѓаа патот до мрежата на Македонија, Maрос направи грешка и Лазаров повика тајм-аут на седум минути до крајот. По одлично изработениот напад, нашите момци за првпат стигнаа до водство преку Костески. Шансата за плус два беше пропуштена, па Швајцарија се врати во егал, резултат што им одговара за прво место. Потоа и Портнер одбрани шут на Џонов, а кога остануваа уште 170 секунди за играње, Лаубе и Аларов добија исклучување поради меѓусебен двобој на линијата од шест метри.

Бен Ромдан успеа да извлече безидеен напад на Швајцарија за 28-27 и Лазаров повика тајм-аут. За кратко време Митев беше прецизен и израмни, па сега беше редот на Шмид да бара минута одмор на минута до крајот. Одново Бен Ромдан даде гол и изнуди исклучување на Маркоски, Митев потоа израмни, но немаше време за нешто повеќе од реми.

Митев беше најдобар со седум гола, а по три дадоа Пешевски, Серафимов и Ненад Костески, додека Митревски имаше седум, а Томовски пет одбрани.

Сега за македонската експедиција следува пат за Данска, па уште еден натпревар со данскиот прволигаш Митјиланд, кој ќе биде последна проверка пред стартот на Европското првенство и дуелот со домаќинот на 16 јануари.