Екипата на Македонија ЃП на гостувањето во Ресен кај Преспа Вардар одработи според посакуваното и славеше со 36:25 во натпревар од 16. коло од прволигашката конкуренција.
Гостите немаа многу проблеми за да дојдат до посакуваната цел, а победата си ја обезбедија уште во првото полувреме кое го добија со седум гола разлика, 21:14, а вториот дел беше само чиста формалност.
Победничката екипа беше предводена од сѐ подобриот Мартин Бучуковски со осум погодоци, седум постигна Бојан Чакалиќ, додека шест реализации имаше Стефан Нацев.
Во поразениот табор прво име беше Иван Костовски со седум погодоци, а го следеше Мартин Табаковски со два помалку.
Македонија ЃП е лидер во групата Б со 23 бода, а во следното коло пред својата публика ќе го пречека Шампион.
Кичево на свој терен беше подобар од Овче Поле со 22:21 (13:13) за трети триумф во тековната сезона.
Стефан Стефаноски ја предводеше листата на стрелци во домашниот табор, постигна пет погодоци, втор стрелец беше Антонио Савески со четири реализации.
Кај гостите од Свети Николе најефикасни беа Димитар Минов со осум и Стојанче Ристов со шест погодоци.