Македонија Ѓорче Петров со победа ја започна новата сезона во Првата лига, откако на гостувањето во Кичево против истоимената екипа славеше со 29:23 (11:11).
По израмнетото прво полувреме, во кое двете екипи имаа свои моменти, гостинскиот тим заигра според посакуваното во вториот дел и дојде до освојување на посакуваните бодови.
Голем хендикеп за Кичево беше црвениот картон на Стефан Стефаноски, кој во 41-та минута поради три исклучувања мораше да се пресели на трибините.
Предводници во победата на Македонија Ѓорче Петров беа Максимилиан Ѓиноски и Бојан Божиновски. Двајцата ракометари постигнаа по осум погодоци во домашната мрежа.
Кај Кичево одлична партија имаше Ѓорѓи Јованоски со осум погодоци, кои беа недоволни за поволен резултат на неговиот тим.