Македонија ги прегази САД за 25 место и победнички крај на СП

Машката младинска репрезентација на Македонија го освои 25 место на Мундијалот во Полска, откако славеше во пресметката против САД со убедливи 47-28. Победникот беше решен уште по десетина минути од стартот на мечот, па остатокот беше само тренинг.

Ова беше последен натпревар на оваа генерација заедно во младинските категории на големите натпреварувања. Започнаа со настап на ЕХФ шампионатот за кадети, па следуваше кадетско СП, па младинско ЕП и на крајот младиснко СП, кое не заврши според очекувањата на сите инволвирани.

Мечот тргна според очекувањата и со предност од 6-1 по пет минути игра, па селекторот на САД мораше да бара тајм-аут. Не се промени многу по минутата одмор, па македонската предност растеше и отиде 12-2.

Галевски лесно ги бранеше ударите на американските ракометари, а Белистојаноски ги казнуваше сите грешки на ривалот и јасно беше дека до крајот ќе се чека со колкава разлика ќе слави Македонија.

Во продолжение падна малку ритамот, поставите се измешаа на теренот, шанса за игра добија сите ракометари од селекторот Стојановиќ, па на пауза заминавме со плус 11, 24-13.

Во второто полувреме немаше возбудувања, практично се играше без одбрани и се постигнуваа лесни и брзи погодоци на двете страни. Македонија одработи рутински на овој тренинг меч и го затвори поглавјето на оваа генерација со убедлив триумф.

Галевски и Брестовац го завршија мечот со по осум одбрани, а најдобри стрелци беа Белистојаноски со седум од седум, како и триото Субашевски, Шулески и Калајџиески со по пет погодоци.