Женската младинска репрезентација на Македонија со победата над Ангола од 28:24 во последното коло од групната фаза обезбеди пласман во ТОП 16 на младинскиот Мундијал, кој се игра во Скопје.
Македонија во главната фаза ќе игра во групата Д, ќе стартува без бодови и за ривали ќе ги има репрезентациите на Црна Гора и Португалија. Натпреварите од главната фаза почнуваат утре, но Македонија првиот дуел ќе го има дури на 24 јуни против Португалија.
По израмнетата игра во воведните десет минути, избраничките на Јанев кон средината на првиот дел конечно успеаја да дојдат до изразена разлика, направија серија од 4:0 и се одлепија на 10:7 во 15 минута. Голема заслуга за овие три предност на „црвено-жолтите“ имаше голманката Матеа Чурлиновска.
Ангола со два гола во низа се доближи на 10:9 и вo три наврати не реализираше за да дојде до целосен камбек. Македонија во последните десет минути од првиот дел успеа за нијанса да биде подобра од ривалот, дојде до 12:9 во 26 минута и на пауза замина со активен резултат од 13:11.
Нашата репрезентација првиот гол во вторите 30 минути го постигна во 34 минута преку Стефаноска, која зголеми на 14:12. Ривалот на Македонија во обидот да се врати во игра, сѐ почесто правеше грешки, ја разбрани Чурлиновска, па така составот на Јанев до 40 минута додаде уште пет гола во низа за солидни плус седум, 19:12.
Во последните дваесетина минути Ангола целосно капитулираше и немаше решение како да ги запре Стефаноска, Коцева, Ризоска, Младеноска…Одбраната на Македонија си ја заврши својата работа и при предност од 26:18 во 50 минута беше јасно дека Ангола ја има изгубено битката.
Најефикасни во Македонија со по шест погодоци беа Сара Стефаноска и Емилијана Ризоска, пет постигна Ива Младеновска, четири додаде Борјана Коцева.
Од групата Х, во која беше и Македонија, пласман во главната фаза обезбеди и Исланд. Островската земја ги доби сите три дуели во групната фаза, освен против Македонија, славеше и над Ангола и САД.