Ракометната репрезентација на Македонија се пласираше на нов континетален собир откако ја совлада Литванија во квалификациите за Европското првенство 2026 со резултат 26-17 . Иако имавме негатива од 0-4 на почетокот на натпреварот, по првите триесет минути македонскиот состав го заврши со предност од 13-11.
Мартин Томовски беше човекот на одлука на овој дуел. Македонската одбрана се консолидираше осум минути, но кога Литванија почна да промашува од надворешните линии, а остана без план Б, Македонија се врати од голем минус, ја презема контролата над резултатот и постави свое темпото на овој дуел.
Нашата селекција со грч влезе во овој меч пред преполната спортска арена „Јане Сандански“ во Скопје. Не искористивме два напади, а Литванија од „втора“ го отвори резултатот преку Антанавичиус. Голманот на Литванија Моркунас беше нерешлива загатка за македонскиот напад, кој на моменти делуваше безидејно. Затоа по 8 минути игра на семафорот беше испишан резултатот 0-4, предност во корист на гостинската екипа.
Дури во 8. минута по тајм-аутот на селекторот Лазаров, македонскиот напад се избори за удар од пенал линијата кој го реализираше Кузмановски, а потоа и одличниот Ивановски ја преполови предноста на противникот. Кога започна да функционира нападот, а домашната одбрана дозволуваше само удари од далечина кои завршуваа во Томовски или покрај голот, Македонија почна да ја топи предноста на противникот, а во 21. минута со вториот гол на Серафимов дојде до првото водство на овој дуел (9-8). Во продолжение носени од одличните интервенции на Томовски, македонските ракометари дојдоа и до највисоките 13-10. Во последните секунди од првото полувреме Думчиус од пенал линијата ги постави конечните 13-11.
По паузата продолжи одличната игра на македонската репрезентација. Одбраната беше разиграна, одлично затворавме на човек, што ги принудуваше литванските ракометари на грешка или избрзан шут од далечина. Затоа разликата се зголеми па во 39. минута Македонија ја постави највисоката предност од „плус пет“ 17-11. Разлика која се одржуваше низ средината на вториот дел.
Но повторно започнаа минутите на Томовски, па предноста започна да расте. Расположениот Џонов од крилна позиција ја крена летвичката за гол погоре, во 37. минута Кузмановски ги постави првите седум голови предност за Македонија, Јагуриновски во 50.минута плус осум, а Жарко Пешевски 23-14 највисоките девет.
Литванскиот репрезентативец Цесна за момент ја прекина низата на Македонија, но веќе беше доцна да се расипе расположението на Македонците.
Онаму каде што застана Томовски, продолжи и Митревски, кој го започна дуелот и бранеше до 15. минута. До крајот на дуелот кога се беше познато, а публиката полека започна да прославува, Македонија со младиот Митев во нападот успеа да дојде до двоцифрена предност 26-16.
Литванците го постигнаа последниот почесен погодок, но Македонија слави победа од девет голови разлика, 26-17 за сигурен пласман на Европското првенство
Мартин Серафимов и Кузмановски го предводеа нападот на Македонија со 5 голови, додека Мартин Томовски запиша 12 интервенции на голот на Македонија.
Ни беше потребна победа од најмалку два гола разлика за пласман на нов континентален собир, но со стил го потврдивме со висока победа ја декласиравме Литванија. Од групата 1 како првопласирана селекција, Словенија веќе обезбеди пласман на Европското првенство. Од денес и се придружува и Македонија.