Македонија доминантно против САД за победнички старт на СП

Женската младинска репрезентација на Македонија со победа го започна настапот на Светското првенство, на кое домаќин е Скопје, откако во првото коло славеше над САД со 32:15.

Избраничките на Дарко Јанев победата ја најавија уште во воведните десетина минути, чекор по чекор создаваа убедлива предност и на полувреме заминаа со плус девет гола разлика, 15:6.

Ривалот на Македонија во вторите 30 минути за момент намали на 17:11, потоа сѐ мина во знакот на „црвено-жолтите“, кои рутински ги одиграа последните 20 минути.

Најефикасна во составот на Македонија беше Борјана Коцева со девет погодоци, седум додаде Ива Младеновска.

Македонија во второто коло ќе се соочи со Исланд, кој денеска славеше над Ангола со пет гола разлика, 24:19.

Натпреварот против Исланд ќе се одигра на 21 јуни, додека во последното коло од групната фаза Македонија за ривал ја има Ангола.