Македонија за првпат во историјата би можела да има дури шест преставници во европските купови на ЕХФ, откако Ракометната федерација на Македонија ги пријави сите тимови од плеј-офот на Супер лигата во Европа.
Шампионот Еурофарм Пелистер се пријави за вајлд-карта за Лигата на шампионите, а доколку не ја добие му следува директно место во групите од Лигата на Европа според рејтингот на Македонија.
Вицепрвакот Вардар има место во квалификациите за Лигата на Европа, но може да профитира доколку битолчани добијат место во ЛШ, па тогаш „црвено-црните“ би добиле директно место во групите од ЛЕ.
Третопласираниот тим од Автокоманда, обезбеди место во ЕХФ Европскиот Куп, но побара „апгрејд“ за ЛЕ, и доколку го добие, би можел да заигра или во квалификациите или пак директно во групите од второто по ранг европско клупско натпреварување.
Доколку „сино-белите“ од Автокоманда добијат вајлд-карта за ЛЕ, тогаш ќе профитира Охрид, кој сигурно би се преселил меѓу најдобро рангираните екипи во ЕХФ Европскиот Куп и би стартувал од второто коло и првиот шешир.
Екипите кои завршија на петтото и шестото место во првенството, Тиквеш и Бутел Скопје, иако според рејтингот на Македонија не добиваа европско место, се пријавија за настап и вајлд-карта за ЕХФ Европскиот Куп.
Со оглед на тоа што Македонија има висок рејтинг во ова натпреварување, освојувачот на трофејот доаѓа од нашата земја, плус стои забраната за настап на руски и белоруски екипи, ЕХФ би требало без проблем да ги одобри барањата на Тиквеш и Бутел Скопје, па машкиот клупски ракомет од Македонија да има шест претставници во Европа.
ЕХФ ќе ги објави учесниците во ЛШ на 24 јуни, ждрепката за групите е на 27 јуни, додека за Лигата на Европа и ЕХФ Европскиот Куп, тимовите ќе бидат објавени на 8 јули, ждрепката е на 15 јули, додека за групите од ЛЕ ждрепката ќе биде на 18 јули.