По завршувањето на трите меча од прелиминарната рунда на Европското првенство за младинци во Целје, се издвојуваат најдобрите ракометари.
Македонскиот голман Иван Галевски е на второто место со високи 43.1% на успешност, односно 28 одбрани од 65 упатени удари кон неговиот гол. Во ТОП 15 е и Давид Брестовац, кој има високи 29.4% на успешност.
Како дуо, заедно со Давид Брестовац, македонските голмани се во ТОП 3 на првенството со 36.9%. Пред нив се голманите на Австрија со 39.6% и на Португалија со 37.4%.
Галевски најмногу одбрани забележа против селекцијата на Австрија, вкупно 15 и беше прогласен за МВП на натпреварот.
На листата на најдобри стрелци, од Македонија единствено десниот бек Димитар Узунчев, кој се наоѓа на шестото место со 22 постигнати погодоци од 29 обиди со висок процент на реализација.
Во ТОП 3 стрелци на младинското ЕП во Целје се Оли Митун од Фарски Острови со 32 гола, Патрик Андерсон од Норвешка со 29 и Даниел Станчиук од Романија со 24 погодоци.
На листата за „фер-плеј“, Македонија е на последното место со 72 поени, добиени по трите црвени картони, четирите жолти картони и 17 исклучувања од две минути.
Избраниците на Раде Стојановиќ ги очекува разигрување за пласман од 9 до 16 место на ЕП и натпревари против Полска, Романија и Франција.