Некогашниот кадетски и младински репрезентативец на Македонија, Дарко Кондев, го продолжи ракометниот пат во Соединетите Американски Држави.
Левото крило настапува за тимот на Денвер Вулфс, а своите квалитети ги покажа уште на првиот турнир од американскиот шампионат.
Кондев пред две сезони замина за САД, на кратко паузираше од ракометот, а сега ќе ги „учи“ Американците кои се подготвуваат за Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година.
Македонецот во татковината ги носеше дресовите на првиот и вториот тим на Металург, а остави трага и во составот на Тиквеш.
Прв фаворит за титулата во САД е Лос Анџелес, кои ги ангажира „пензионерите“ Додер, Кавтичник, Морос, Рајхман…но сигурно и Денвер со Кондев ќе има што да каже.
Кондев, кој во САД игра и на бековските позиции, во моментов по двата одиграни турнири е на четвртото место на листата на стрелците со 49 погодоци, а третиот турнир е закажан за март годинава.
























