Македонците на Косово во победничко издание

Екипата на Раховец, која е предводена од Горан Андоновски, а во која настапува кружниот напаѓач Стефан Атанасовски, продолжува да биде доминантна во косовскиот шампионат, откако во заостанатиот натпревар од 7. коло славеше убедливо против Лапи.

Раховец оствари победа изразена со дури 32 гола разлика, 52:20. На полувреме избраниците на Андоновски имаа предност од 28:7 и во вторите 30 минути продолжија во ист стил.

По девет одиграни кола, тимот на Раховец се наоѓа на лидерското место со 18 бода, додека неговите најголеми ривали – Беса и Кастриоти имаат четири помалку, односно 14.

На победа во косовскиот шампионат се радуваше Вјоса, тим во кој настапуваат Стефан Кочаров, Синиша Павлов, Обрен Фичуровски, Илија Трпевски и Стефан Димевски.

Вјоса за ривал во 9. коло ја имаше Трепча и со одличната игра во двете полувремина дојде до важен триумф од 43:26.

Кочаров беше меѓу најдобрите стрелци, натпреварот го заврши со шест гола, Павлов и Фичуровски имаа по четири успешни реализации, додека Димевски двапати се запиша во листата на стрелци.

Тимот на Вјоса со новите два бода влезе во игра за 5. позиција на табелата, сега има шест бода, исто толку има и петтопласираната Вуштрија.