Некогаш Љубица Бубе Ѓоргиевска, сега Хансен, е дел од славната генерација македонски ракометарки кои испишуваа историја со македонската репрезентација во 90-те години и на почетокот од новиот милениум.
Ќерката на Бубе и нејзиниот сопруг Ласе Хансен – Флора, која има 17 години и настапува за составот на ХОЈ, доби репрезентативен повик за настап за младинската селекција на Данска. Скандинавската селекција ќе одигра две средби против Германија во рамките на ЕХФ неделата на 16 и 17 октомври.
Своевремено Флора беше дел од Роскилде, а сега настапува за ХОЈ, кој во машкиот клуб создава дрим-тим, а женскиот тим исто така обезбеди место во елитната конкуренција на Данска оваа сезона.
Мајката на Флора, Љубица Ѓоргиевска Хансен за македонската репрезентација има одиграно повеќе од 120 натпревари и беше дел од националниот тим на две светски и едно европско првенство во периодот од 1997 до 2000 година.
Таа е првата македонска ракометарка што заигра во тогаш престижната данска лига, направи успешна интернационална кариера, а потоа на македонското го додаде и славното данско презиме – Хансен.
Играше на позицијата лево крило, израсна во школата на Ѓорче Петров, беше дел од тимот на Кометал Ѓорче Петров кога се пробиваше на европската сцена, Една сезона играше во ТАТ Пелистер, а оттаму во 1997 година замина во Данска.
Интернационалната кариера ја почна во Хорсенс, две сезони играше во Есбјерг, а ракометната кариера ја заврши во тимот на Роскилде во сезоната 2003/2004. Но, и по завршувањето на ракометната кариера, овој град остана нејзин дом повеќе од две децении.