Еден од најдобрите странски ракометари што играле во македонската Супер лига несомнено беше левото крило Мирко Мајиќ. Тој реши да ја заврши играчката кариера на 35 години по повеќе од 20 сезони активно играње ракомет. Црногорскиот интернационалец, во Македонија беше како дома бидејќи одигра осум сезони во нашата елитна конкуренција и остави голема трага.
Во татковината играше за Будуќност Подгорица, Рудар Плевља, Сутјеска и Даниловград, пред во 2015 година да потпише за МАКС Струмица со која играше во регионалната СЕХА лига.
Една сезона беше дел од босанскиот Борац Бања Лука и во 2017 година направи камбек во македонскиот ракомет. Настапуваше една сезона за Радовиш, а потоа полни пет сезони го носеше дресот на Бутел Скопје, со кој ги имаше најголемите успеси.
Последната сезона ја помина во Тиквеш, а со кавадарчани и со бутелци настапуваше и во европските купови. Минатата сезона во дресот на Тиквеш имаше 89 гола, за Бутел Скопје во петте сезони имаше 666 погодоци, додека за Радовиш има постигнато 188 гола.
Тоа се вкупно 943 погодоци, а доколку на овие се додадат оние во дресот на МАКС Струмица, доаѓаме до импресивна бројка од повеќе од 1.000 погодоци за Мајиќ.
Тој се одјави од ракометот и на социјалните мрежи.