Европските гиганти Магдебург, Веспрем и Барселона, остварија убедливи победи на вториот ден од Светското клупско првенство и се во пол-позиција во борбата за полуфиналето во Египет.
Магдебург ја победи Калифорнија Иглс на екс стратегот на Вардар, Гиљермо Милано, со убедливи 50-20. Мертенс имаше 11 гола, а Хорнке девет, додека голманот Мандиќ заврши со 27 одбрани или 57% процент на успешност на одбранети удари.
Унгарскиот Веспрем славеше против Сиднеј Универзитет со 51-22, а предводник беше голманот Микаел Апелгрен со 22 одбрани. Меѓу стрелците се истакна левото крило Уго Деска со девет гола.
Барселона го победи бразилскиот Таубате со 41-22 со 13 погодоци од левото крило Јан Баруфет, додека голманот Виктор Халгримсон имаше 19 интервенции.
Европските екипи утре ќе имаат потешки предизвици, па ќе бидат познати полуфиналистите. Магдебург игра против Шарџа, Веспрем против Ал Ахли на екс стратегот Давид Дејвис, додека Барса ќе се соочи со Замалек.