Мае заврши со репрезентацијата: По сите титули – време е да бидам само татко и сопруг!

По 175 настапи и повеќе од една деценија во дресот на „триколорите“, средниот бек Кентан Мае реши да стави крај на репрезентативната кариера и да се посвети на клубот Гумерсбах.

Францускиот ас, по повеќе од десет години носење на националниот дрес, објави дека се повлекува од репрезентацијата на Франција.

Веста ја потврди во интервју за „Лекип“, објаснувајќи дека по низа повреди и години поминати во интензивен ритам, чувствува дека е време да се посвети на семејството и на клупската кариера.

„Неколку фактори влијаеја врз мојата одлука во последните месеци. Минатата година имав две повреди, сега повторно ја враќам силата и ритамот. Подолго време размислував – дали навистина сакам повторно да го оставам семејството, да бидам далеку од сè, но дојде време да бидам само татко и сопруг“ изјави Мае.

Тој остави зад себе импресивна репрезентативна кариера – бројни медали од ЕП, СП и ОИ, меѓу кои златата од ОИ 2021, СП 2015 и СП 2017, како и ЕП 2024.