Mајка и играше за Македонија, таа е во кадетската репрезентација на Данска!

Некогаш Љубица Бубе Ѓоргиевска, сега Хансен, е дел од славната генерација македонски ракометарки кои испишуваа историја со македонската репрезентација во 90-те години и на почетокот од новиот милениум.

Ќерката на Бубе и нејзиниот сопруг Ласе Хансен – Флора, која има 15 години и е дел од данскиот тим Роскилде, каде што тренер е Ѓоргиевска Хансен, доби место на поширокиот список на кадетската репрезентација на Данска.

Иако има само 15 години, нејзиниот талент беше препознат од данските стручњаци и таа тренира со две години повозрасните ракометарки, и ќе биде во конкуренција за настап за Данска.

Љубица Ѓоргиевска Хансен за македонската репрезентација има одиграно повеќе од 120 натпревари и беше дел од националниот тим на две светски и едно европско првенство во периодот од 1997 до 2000 година.

Таа е првата македонска ракометарка што заигра во тогаш престижната данска лига, направи успешна интернационална кариера, а потоа на македонското го додаде и славното данско презиме – Хансен.

Играше на позицијата лево крило, израсна во школата на Ѓорче Петров, беше дел од тимот на Кометал Ѓорче Петров кога се пробиваше на европската сцена, Една сезона играше во ТАТ Пелистер, а оттаму во 1997 година замина во Данска.

Интернационалната кариера ја почна во Хорсенс, две сезони играше во Есбјерг, а ракометната кариера ја заврши во тимот на Роскилде во сезоната 2003/2004. Но, и по завршувањето на ракометната кариера, овој град остана нејзин дом полни две децении.