Хрватскиот интернационалец Стипе Мандалиниќ потпиша нов договор со АЕК Атина и следната сезона ќе го носи „жолто-црниот“ дрес.
Некогашниот лев бек на Еурофарм Пелистер беше меѓу клучните играчи во финалната серија против Олимпијакос, која ја доби АЕК со 3-2 во победи.
Хрватот смета дека ривалството на двата тима од јужниот сосед на Македонија е поголемо од она на Хајдук и Динамо Загреб.
„Ривалството на АЕК и Олимпијакос е поголемо од она на Динамо Загреб и Хајдук. Навивачите на петтиот натпревар беа 1.000 повеќе отколку што е капацитетот на салата. Навивачите висеа и на кровот“, вели Мандалиниќ за 24Сата.
Тој доби повик од селекторот Горан Перковац за собирот во јуни на националниот тим, во кој ќе бидат играчи од поширокиот список и оние со мала минутажа.
„Се враќам во националниот тим и сакам да играм на Европското првенство. Ја подобрив мојата игра во одбрана и одбив понуди од некои клубови што играат во Лигата на шампионите“, заврши Мандалиниќ.