Селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Кире Лазаров, го објави поширокиот список од 35 ракометари што ќе бидат во конкуренција за настап во квалификациите за Европското првенство 2024 година.
Во споредба со претходниот поширок список за баражите за СП со Романија и Чешка, покрај триото Лазаров, Стоилов и Миркуловски, ги нема Кукуловски, Аларов, Лазаревски, Ончев, Кондев, Чаневски и Стојановски.
По повредата и по пропуштеното ЕП 2022 и квалификациите за СП 2023, во националниот тим се враќа Дејан Манасков, а по подолго време камбек има и за дуото од шпанскиот Ваљадолид – Димитар Димитриоски и Дарко Димитриевски.
На поширокиот список се најде и средниот бек Марио Танкоски, кој имаше одлични настапи за Еурофарм Пелистер во подготвителниот период. Нови имиња во споредба со баражите за СП, се уште Александар Петковски, Васил Гогов и Едвин Омерагиќ.
Следната недела ќе биде објавен и скратениот список, па ќе видиме дали некој од повратниците во националниот тим ќе биде дел од подготовките и ќе добие шанса за настап на двете квалификациски средби.
Македонија е во група со Луксембург, Турција и Португалија, а на ЕП пласман ќе обезбедат најдобрите две селекции, како и најдобрите четири третопласирани од осумте квалификациски групи.
Првиот меч Македонија го игра на 12 октомври од 19:00 часот во Скопје против Луксембург, додека вториот меч е на 16 октомври со Турција на гостински терен од 16:00 часот.