Фленсбург и Берлин одиграа едно од најлудите дербија во германската ракометна Бундеслига сезонава. Во офанзивен спектакл со вкупно 79 гола, Фленсбург пред своите 6.300 навивачи славеше со 40-39 и му зададе нов тежок удар на актуелниот шампион од Берлин.
Со оваа победа, Фленсбург испраќа силна порака дека не се откажува од борбата за врвот во Бундеслигата и јасно покажува дека е подготвен да му дише во врат на лидерот Магдебург. Од друга страна, Берлин, иако влезе во сезоната како актуелен првак и голем фаворит, со овој пораз дополнително си ја комплицира задачата – одбрана на титулата и останување во чекор со најдобрите.
Флензбург е второпласиран на табелата со 25 бода, четири помалку од Магдебург кој има и меч помалку, а Берлин е дури на 5. место со 22 бода, еден помалку од Кил (-1 меч), и еден повеќе од Гумерзбах (-1 меч)
Од самиот старт беше јасно дека ова не е обичен меч. Публиката салата го пречека тренерот на Берлин, Николај Крикау, со свирежи при неговото враќање во Фленсбург, а зачин повеќе даде и фактот дека Симон Питлик играше на свој роденден против клубот во кој треба да се пресели во иднина. Дополнителен наратив е камбекот на Ласе Мелер кај домашните и враќањето на Нилс Лихтлајн и голманот Дејан Милосављев кај гостите, додека Берлин сè уште беше без повредениот Фабијан Андерсон.
Новото засилување на Берлин, Нејц Цехте, се запиша со својот прв бундеслигашки гол токму во ваков „луд“ натпревар. Првиот дел беше полн со исклучувања, дуели и високо темпо, но без јасен резултатски бенефит за било која страна. На пауза се замина со резултат 22-22, а Питлик веќе имаше постигнато осум гола и изгледаше незадржлив за одбраната на „лисиците“.
Вториот дел го отвори Емил Јакобсен со гол за 23-22, но Берлин потоа го одигра својот најсилен период. Во 38. минута, по контра на Тим Фрајхофер, гостинот поведе со 29-27 и за првпат создаде чувство дека може да ја преземе контролата.
Токму тука тренерот на Фленсбург повлече клучен потег – во бековската линија заедно ги комбинираше трите десничари Мелер, Марко Гргич и Питлик. Таа тактика целосно го смени ритамот на мечот. Гргич со нов погодок донесе прва предност од три гола, 35-32, а по одбраната на Бенјамин Буриќ, Ласе Мелер ја крена салата на нозе со 36-32. Набргу Мелер зголеми и на 37-32 и го натера Крикау да побара тајм аут.
Шест минути пред крајот, Фленсбург водеше со 39-35 и изгледаше како да е на безбедно растојание. Но шампионот не се предаде. Минута пред крајот со гол во празна мрежа гостите намалија на 40-39 и приредија вистински трилер финиш.
Во последниот напад токму Гидсел ја имаше шансата да донесе реми, но неговиот очаен шут од тешка позиција заврши во блокот на одбраната на Фленсбург.
Питлик заврши со 11 гола, Јакобсен постигна 8 (четири од седум метри), Гргич додаде 6, а Новак 5 погодоци за Фленсбург. Кај гостите најрасположени беа Вест ав Теигум и Емил Грондал со по 8 гола, Гидсел реализираше 7, а Лангхоф 6. На голманската позиција, Буриќ запиша 7 одбрани, додека Милосављев беше поекспониран со 10 интервенции и еден одбранет пенал.

























