Литванија се простува од својата легенда – Малашинскас става крај на кариерата!

Литванскиот ракомет останува без едно од своите најголеми имиња. Искусниот организатор на играта Аиденас Малашинскас објави дека по крајот на оваа сезона ќе ја заврши професионалната кариера, ставајќи точка на пат долг повеќе од две децении, исполнет со настапи за репрезентацијата, големи европски клубови и бројни индивидуални признанија. Според објавата на Литванската ракометна федерација, 39-годишниот Малашинскас оваа недела би можел последен пат да го облече дресот на националниот тим.

Веста доаѓа во пресрет на двомечот меѓу Литванија и Србија во квалификациите за Светското првенство 2027. Првиот натпревар се играше на 19 март во Ниш, а реваншот е закажан за 22 март во Утена – родниот град на Малашинскас, што на целата приказна и дава дополнителна симболика. Токму затоа, неговото можна последна репрезентативна појава на домашен терен има посебна емоционална тежина.

„Ова е мојата последна сезона и во репрезентацијата и во клубот. Веќе нема никаква тајна, дојде време да ја завршам кариерата. Ми изгледа дека сè доаѓа во вистински момент. Дури е и симболично што кариерата во репрезентацијата може да ми заврши во мојот роден град“, изјави Малашинскас.

Литванецот дополнително посочи дека настапот во Утена за него има посебно значење, бидејќи таму последен пат играл уште во 2009 година. Тој ги повика навивачите да дојдат во сала и да ја поддржат репрезентацијата, нагласувајќи дека во тимот има дури четворица ракометари од Утена.

Малашинскас призна дека има и здравствени проблеми кои му ја отежнуваат работата и дека сака на репрезентацијата да и помогне целосно, а не делумно.

„Многумина не знаат колку здравствени проблеми имам и не мора ни да знаат, но тоа донекаде ми пречи. На репрезентацијата сакам да и помогнам со 100 проценти, а не со 50 или 60. Во тимот има добри играчи, така што мислам дека ќе има кој да ме наследи“, заврши Малашинскас.

Неговите бројки во националниот тим го потврдуваат статусот на легенда. Малашинскас е најефикасниот ракометар во историјата на литванската репрезентација со 115 настапи и 537 голови. Дебитираше уште во јануари 2007 година, кога имаше само 20 години. Шест пати беше избран за најдобар литвански ракометар – во периодите 2016-2018 и 2021-2023. Во моментов игра за романскиот Васлуи, а претходно остави длабока трага во Мотор Запорожје каде играше седум сезони, една сезона беше дел од германскиот Мелсунген. Во Шпанија ги носеше дресовите на Бидасоа, Сагунто, Адемар Леон, Ла Риоха и Гранољерс.