По завршувањето на првенството за младинки на Северна Америка и Кариби, познати се уште две селекции што ќе бидат дел од Светското првенство за младинки во Македонија следната година.
Тоа се селекции на САД и Мексико, кои беа финалисти на неодамна завршениот континентален шампионат.
Претходно покрај нашата репрезентација како домаќин, пласман на СП обезбедија 13 европски селекции од младинското ЕП, како и по пет репрезентации од африканското и азиското првенство.
Од Средна и Јужна Америка во Македонија доаѓаат Аргентина, Бразил и Чиле, додека место на Мундијалот од дополнителните европски квалификации билет обезбеди селекцијата на Шпанија.
Остануваат уште две празни места, од кое едното ќе биде пополнето со победникот на Интерконтиненталниот ИХФ трофеј што ќе се одржи во март догодина, додека последното место веројатно светската куќа на ракометот ќе го додели како вајлд-карта.
Светското првенство во Македонија со 32 селекции ќе се игра од 19 до 30 јуни следната година.