Тимот на Партизан Гевгелија го совлада составот на Кичево со 33-29 во заостанатиот натпревар од 12 коло од Првата лига. Предводник на гевгеличани беше Горан Лисичков, кој постигна 16 погодоци, а повеќе од половина голови за составот на Кичево даде Стефан Стефаноски – дури 19.
Сепак тоа беше премалку за гостинскиот тим, кој попушти во вториот дел и со овој пораз си ги намали шансите за влез во плеј-офот.
На пауза Партизан Гевгелија водеше со 13-12, по десетина минути игра во второто полувреме гостите останаа без Никола Нацев, кој доби црвен картон по трите исклучувања, па домашните полека ја преземаа контролата на теренот.
Финишот беше одработен рутински и трите бода останаа во Гевгелија. Покрај Лисичков, во победничкиот состав осум гола даде Марко Михајловиќ, додека кај Кичево, покрај Стефаноски кој беше најдобар, три гола постигна Јованоски.
Покрај сигурните патници во плеј-оф – Бисинов, Радовиш и Металург РА, ќе има интересна борба за последниот билет. Македонија ЃП е на четвртото место со 10 бодови од 11 меча, додека од петто до седмо место се Овче Поле (10), Партизан Гевгелија (10) и Кичево (11) со по седум поени.
Во следното коло Македонија ЃП ќе игра дома со Партизан Гевгелија, додека Овче Поле му гостува на Металург РА, а во последното гевгеличани играат против лидерот Бисинов, а Кичево оди на гости во Свети Николе.