Липовина: За мене репрезентацијата на Црна Гора е завршена приказна!

Црногорскиот ракометар Владан Липовина направи трансфер што ќе ја одбележи неговата кариера – и истовремено се запиша во историјата на светскиот ракомет.

По завршувањето на позајмицата во Ал Араби, Липовина потпиша тригодишен договор со Кувајт Клуб. Според информациите, искусниот 32-годишен бек ќе заработува фиксен износ од 800.000 евра годишно, а со бонуси и премии вкупната бројка може да достигне дури 1 милион евра годишно – што го прави најплатениот ракометар на планетата.

„Во Кувајт буџетите не се ограничени, а шеиците буквално водат ракометна „војна на ѕвезди“ меѓу неколку клубови. Парите не се проблем – единствената цел е успехот“, објаснува Липовина во интервју за „Лоб Спорт“.

Кариерата на Липовина е фасцинантна – од домашниот Ловќен, преку шпанската Куенка, Металург, Вецлар, Ал Наср, Хутенберг, Рајн Некар Левен, Балинген, до Магдебург, Ал Кадсија и Ал Араби, а сега – Кувјат Клуб.

Липовина важеше за еден од столбовите на репрезентацијата на Црна Гора, но веќе четири години не е дел од националниот тим – и, како што сам признава, веројатно никогаш повеќе нема да игра за репрезентацијата.

„За мене, репрезентацијата е завршена приказна. Имавме генерација со голем потенцијал, испратени од Братиќ и Павиќевиќ во Германија – таму си изградивме кариери и автоматски ѝ помогнавме на репрезентацијата. Но, никој никогаш не го вреднуваше тоа. Без силна домашна лига и инвестиции во младите категории нема силна репрезентација. Сум играл на највисоко ниво и знам колку вложуваат другите. Кај нас сè е лага и измама, па и спортот. Затоа, не се гледам во систем каде што спортот го водат партиски луѓе“, заврши Липовина.