Лилјаци му прават проблем на данскиот првак!

Големиот интерес за натпреварите на данскиот првак Алборг, кои редовно ги следат до 5.500 гледачи, го натера локалниот совет на четвртиот најголем град во Данска да планира проширување на паркингот и подобрување на пристапот до спортскиот комплекс.

Но, планот наиде на неочекуван противник – колонија лилјаци кои „живеат“ во поранешна ловџиска куќа во близина на арената. Според строгите еколошки регулативи на Европската Унија, општината е должна да ги заштити и животните и нивното природно живеалиште, што доведе до стопирање на проектот.

Првичниот план предвидуваше изградба на околу 400 нови паркинг места, но поради  ограничувања, работите не можеа да започнат.

„Свесни сме дека за време на домашните натпревари многу гледачи паркираат на зелените површини околу арената. Ситуацијата е навистина тешка“, изјави претседателот на градежниот одбор при градскиот совет.

Како обид за решение, општината изгради т.н. „живеалишта за лилјаци“ за да ги пресели животните, но засега крилестите „станари“ одбиваат да се иселат.