По елиминациите на азербејџанскиот Баку и босанската Слога Добој, со повеќе од убедлива разлика, ракометарите на Охрид ги очекува потежок предизвик во ЕХФ Европскиот Куп.
На гости доаѓа чешката екипа Дукла Прага, која од клупата е предводена од легендарниот Даниел Кубеш, кој истовремено е и селектор на машката репрезентација на Чешка.
Најопасен поединец е левиот бек Јозеф Јонас, кој на лето се сели во Бундес лигата, а пикерот на Охрид, Николаос Лиапис вели дека како се доближува моментот на натпреварот, така возбудата расте.
„Возбудени го очекуваме претстојниот европски натпревар. Тренираме напорно и сме целосно подготвени, иако немаме играно тежок меч веќе некое време. Ќе се бориме за уште едно коло во ракометна Европа“, вели Лиапис.
Натпреварот меѓу Охрид и Дукла Прага се игра в сабота во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 18:00 часот, а продажбата на влезници се одвива ТУКА.

























