Ракометната федерација на Летонија официјално го назначи Марготс Валковскис за нов селектор на машката сениорска репрезентација. Со 43-годишниот стратег, кој живее и работи во Германија, е потпишан договор на две години со можност за продолжување уште две.
Валковскис од 2019 година живее во Германија, каде е главен тренер на младинската екипа на клубот Кобург. Интересно е што во репрезентацијата играат и неговите два сина – 20-годишниот Јанис Валковскис и 19-годишниот Леонардс Валковскис, кои настапуваат за Кобург во Втората Бундес лига и младинската лига.
Како играч, Валковскис ја бранеше честа на клубови во Летонија, Австрија и Германија, а беше и капитен на националниот тим, играјќи рамо до рамо со имиња како Даинис Криштопанс, Дмитријс Бражњиковс, Ингарс Дуде и Армандс Ушчинс.
На клупата на Летонија, Валковскис ќе има силна поддршка – улогата на помошник тренер ќе ја преземе легендарниот Александар Петерсон, кој има летонски и исландски пасош и кој со исландската репрезентација има освоено сребро на Олимписките игри 2008 и злато на Европското првенство 2010. Петерсон има богата клупска кариера во Германија со Фуксе Берлин, Мелсунген, Рајн Некар Левен, Фленсбург…а минатата сезона ја заврши како победник на Европскиот куп со исландскиот Валур.
За голманите ќе се грижи искусниот Андрис Молотановс, поранешен репрезентативен голман на Летонија. Летонската селекција следните натпревари ќе ги одигра во ноември, во рамки на првиот бараж за Светското првенство 2027, против Луксембург – два дуели во гости на 1 и 2 ноември.
Во претходните четири години, Летонија беше предводена од Давор Чутура, кој го презема катарскиот Ал Рајан.