Поранешната ракометарка на Вардар, Јованка Радичевиќ, денеска го одигра последниот меѓународен натпревар во својата кариера.
Црногорката, која пред 16 месеци се прости од националниот дрес, по завршувањето на тековната сезона ќе замине во пензија.
Со тимот на Крим, Радичевиќ не успеа да избори пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите, откако во осминафиналето беше елиминиран од Лудвигсбург.
Популарната Јокси денеска со Крим го совлада Лудвигсбург со 26:23, но германскиот тим, по убедливата победа минатиот викенд од 31:21, ќе игра во четвртфиналето.
Крилото од Црна Гора се збогува од Лигата на шампионите по 21 одиграна сезона. Таа за 21 сезона постигна 1.141 гола во најквалитетното европско натпреварување.
,,Тешко е да се збогувам, но сум навистина благодарна за сè што ракометот ми го даде. Дадов многу, но и многу добив. Среќна сум што ја запознав оваа неверојатна заедница и ќе ја носам засекогаш во моето срце”, изјави Радичевиќ.
Кариерата ја почна во Будуќност, играше две сезони во унгарскиот Ѓер, па пет мина во Скопје во дресот на Вардар, а потоа беше дел од ЧСМ Букурешт, Кастамону, одново Будуќност и во моментов игра за Крим.
Со Вардар во сите сезони играше на Ф4 турнирот во Будимшешта, а во сезона 2019/20 беше најдобриот стрелец во ЛШ.
Заедно со Црна Гора освои злато на ЕП 2012 година, сребро на ОИ истата година, како и бронза на ЕП 2022 година.
Легендарната Радичевиќ ќе ја одигра последната сезона во кариерата!