Легендарниот Тимур Дибиров му кажа збогум на ракометот!

Поранешниот ракометар на Вардар, Тимур Дибиров, ја заврши играчката кариерата и го одигра последниот официјален натпревар.

Мечот меѓу неговиот Загреб и Нексе во битката за титулата во Хрватска ќе му остане во длабоко сеќавање на легендарниот Русин.

„Пријатели, ова беше последен натпревар во мојата кариера, на малото момче кое сонуваше да игра ракомет со своите другари и ништо повеќе од тоа. Благодарност до моето семејство, сопругата, децата, родителите… кои ме поддржуваа, моите клубови, репрезентацијат и соиграчите, тие се најдобри на светот. Ќе ми недостасуваш, ракомету“, напиша Дибиров на социјалните мрежи.

Тој замина во пензија на 42 години и играше половина од животот како професионалец само за три клуба – Чеховски Медведи (девет), Вардар (девет) и Загреб (три сезони).

Најголемите клупски успеси му се двете титули со Вардар во Лигата на шампионите, а има седум титули и седум трофеи во Купот на Македонија со „црвено-црните“, како и четири трофеи во СЕХА лигата.

Со националниот тим на Русија настапи на 215 натпревари и даде 747 погодоци.