Легендарната романска ракометарка Кристина Неагу откри дека оваа сезона ќе и биде последна во богатата кариера.
Левиот бек на ЧСМ Букурешт вели дека размислувала долго пред да ја донесе ваквата одлука и посакува последната сезона да и биде успешна.
„Донесов решение што на крајот на оваа сезона заминувам од ракометот. Долго размислував за ваквата одлука, но тој момент доаѓа во кариерата на секој спортист. Не сакам да звучи тажно, дајте да се радуваме на заедничките моменти. После секој меч во сите градови ќе имам средби со фановите, сакам да делам автограми, да се фотографирам. За 20 години кариера имав прекрасни моменти. Имам два медали со репрезентацијата, а освоив титула и во Лигата на шампионите. Тоа се уникатни чувства и емоции. Не се гледам себеси во иднина како тренер, немам трпение да работам со деца“, изјави Неагу за романската Про ТВ.
Неагу четири пати беше прогласена за ракометарка на годината во изборот на ИХФ, а во 2015 година ја освои титулата во Лигата на шампионите со Будуќност. Романката е втор стрелец на сите времиња во елитната конкуренција, а најдобар стрелец во историјата на Европските првенства.