Поранешниот селектор на Норвешка, Торир Хергеирасон, стана стручен советник во Ракометната федерација на Исланд.
Исландската легенда Торир Хергеирасон ја прекина пензијата, и доби нова работа, откако беше без ангажман по освојувањето на европското злато со Норвешка во декември.
Овој 61-годишен Исланѓанец е вработен на новоотворена позиција како стручен советник во Ракометната федерација на Исланд.
Федерацијата ја смета неговата ангажираност за вистински успех, имајќи предвид дека Хергеирасон целата своја тренерска кариера ја мина надвор од татковината.
„Торир речиси и не мора да се претставува пред исландската нација, бидејќи цели 39 години беше дел од норвешкиот ракомет со голем успех“, велат од федерацијата.
Тој сам ја донесе одлуката да се повлече како селектор на норвешката женска репрезентација минатата година, откако Норвешка ја победи Данска во финалето на Европското првенство.
Има импресивна збирка на медали. Хергеирасон стана селектор на Норвешка во 2009 година и во текот на 15 години ѝ донесе медали од 17 големи натпреварувања – од кои 11 беа златни.
Претходно, осум години беше помошник тренер на друга ракометна легенда, Марит Брејвик. Тој е повеќепати прогласуван за тренер на годината во Норвешка, а добитник е и на орден од норвешката кралска куќа.
Женската репрезентација на Исланд досега нема постигнато значаен успех. Во историјата само трипати се квалификувала на Европско првенство, а во декември ќе настапи на своето трето Светско првенство. На претходните настапи никогаш не одиграла позначајна улога.
Кај мажите, Исланд порано беше меѓу водечките нации – беше финалист на Олимписките игри во 2008 година – но по осминафиналето на СП во 2017 година, тимот нема одиграно ниту еден нокаут-натпревар на големо натпреварување.