Лазаров: Слабостите треба добро да ги покриеме, а добрите страни максимално да ги користиме

Машката репрезентација на Македонија ја одработува втората фаза од подготовките за настапот на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.

Селекторот Кирил Лазаров ги сподели впечатоците од досега сработеното на подготовките и верува дека позитивната атмосфера ќе се задржи до стартот на ЕП.

„Ни остануваат уште неколку дена пред патот за Швајцарија, а потоа и за Данска. Со оглед на здравствената ситуација, нема да брзаме со конечниот список, треба да почекаме да ги направиме последните три тренинзи. Со РФМ пред повеќе од неколку месеци одлучивме дека ќе патуваат 19 ракометари што ќе ни бидат доволно за предизвиците на ЕП. Задоволен сум како се одвиваат подготовките, имаме позитивна атмосфера која треба да ја задржиме, задоволен сум и од тоа што сработивме. Ќе имаме уште пријателски натпревари и мислам дека полека но сигурно ќе пробаме да ја подигаме формата затоа што имаме играчи што имаат послаба минутажа“, вели Лазаров.

Тој се осврна и на ростерот на играчи.

„Нашиот избор за играчи е најмал со оглед на големината на Македонија во споредба со сите други учесници на ЕП. Мора да направиме еден колектив, со добар систем, слабостите што ги имаме треба добро да ги покриеме, но и добрите страни кои ги имаме треба да ги искористиме максимално. Пробуваме да направиме добра хемија, да живееме за тие предизвици, да живееме како тим и со пожртвувана игра. Немаме поединци што може да изнесат ЕП или СП. Квалитетниот тим ќе го издвои поединецот, индивидуалецот на пиедестал“, продолжи Лазаров.

По дуелот со Хрватска, следуваат тестови со Бахреин, Украина и Швајцарија.

„Игравме против Хрватска, светски првак ќе играме на турнирот во Швајцарија против Бахреин, кој е редовен учесник на СП, а Украина и Швајцарија ќе играат на ЕП, а самото тоа кажува дека се квалитетни противници, и сметам дека ќе имаме добри проверки пред ЕП“, заврши Лазаров.

Македонската експедиција со 19 ракометари ќе замине во среда за Цирих, оттаму за Винтертур каде се играат мечевите со Бахреина, Украина и Швајцарија.

Ракометарите и стручниот штаб од Швајцарија директно ќе заминат за Данска, каде на 16 јануари го стартуваме ЕП со дуелот против домаќинот.