Машката репрезентација на Македонија се собра во ЕХФ неделата за пријателскиот натпревар со Австрија, кој ќе биде последен тест пред мајскиот бараж за СП 2027.
Селекторот Кирил Лазаров за оваа акција не смета на некои од најискусните ракометари, а има некои нови лица кои ќе добијат прилика за докажување.
„Треба да бидеме задоволни што избегнавме два баражи. По квалитетниот настап на ЕП, ќе имаме шанса малку порелаксирано нешто да направиме, она што го имаме како база да го надоградиме, и да пробаме некои нови играчи што во иднина би можеле да придонесат во репрезентацијата. Играме против еден квалитетен и сериозен противник каков што е Австрија. Резултатски секако дека не сакаме да загубиме, нормално ќе сакаме да победиме, но нема да биде во прв план резултатот. Ќе пробаме некои работи кои би можеле да ги искористиме во баражот во мај, и најважно е добро да се подготвиме за тоа што не очекува. Репрезентацијата во секој слободен момент мора да проба некој играч, за да видиме дали ќе може да го користиме во иднина на големи натпреварување со силни противници, и да видиме каква е моменталната состојба. Во секој случај одбравме квалитетен ривал и ќе одиграме натпревар на гостински терен, затоа што првиот бараж натпревар ќе ни биде на гости. Австрија на многу посилни репрезентации од нас им направи проблеми и на ЕП, и на минатото СП. Одиграа добро против Германија и Србија“, изјави Лазаров.
Македонија во баражот за СП 2027 ќе се соочи со победникот од двомечот меѓу Украина и Словачка.
„Иако Украина во тој меч можеби на хартија е мал фаворит, очекувам неизвесен двомеч но до последен момент нема да го знаеме победникот. Тоа се две селекции што играат различен ракомет. Но, мислам дека кој и да ни биде ривал, нема да ни биде лесно. На некој начин ќе бидеме во улога на фаворити, и во таа улога не сме научени. Тоа ќе ни биде еден дополнителен притисок, но имаме време добро да се подготвиме. Пред се посакувам да бидеме здрави, комплетни и ќе имаме време добро да се подготвиме“, заврши Лазаров.
📷 Лазаров прозиваше – Австрија е тест пред мундијалскиот бараж
























