Лазаров: Ноќите после сите натпревари ми се непроспиени

Македонија по поразот од Данска се врти кон вториот предизвик на Европското првенство, а тоа е Португалија.

Пред да направи анализа на следниот ривал, селекторот Кирил Лазаров се наврати на првиот меч со Данска.

„Oвие ноќи после натпревари за тренерите на големите натпреварувања се непроспиени. Мораме да сработиме и тоа што било, и тоа што не очекува. Дали можеше подобро или полошо, тука не се прашуваме само ние, можеше да биде полошо и подобро. Се прашува Данска и така е против секоја репрезентација. Тие се спремаат да бидат европски прваци и можеш да ги изненадиш 5 до 10 минути. После еден тајм-аут се менува се, тоа треба да ни е јасно, ова е едно големо искуство за сите нас и треба побрзо да го заборавиме овој натпревар. Што побрзо заборавиме и се концентрираме на Португалија, тоа подобро за нас“, изјави Лазаров.

Тој вели дека Португалија исто така е дојдена да се бори за медал, но дека не е на нивото на Данска.

„Португалија е одлична репрезентација и тука дојде да се бори за медал, но не е на нивото на Данска. Мораме да бидеме позитивни и доста реални, да се обидеме да одиграме подобро од вчера, да бидеме покомпетитивни. Сите посакуваме изненадување, но треба да стоиме цврсто на земја и доколку ни се отвори шанса да изненадиме. Португалија е фаворит, цела ноќ се занимавав со нив, како и минатите шест месеци. Како минува време, се менуваат и концепти. Нивните апетити пораснаа по полуфиналето на СП, мислат дека можат дури и до медал. Ќе пробаме да одиграме квалитетно и да им го отежниме планот“, заврши Лазаров.

Натпреварот меѓу Македонија и Португалија се игра утре од 18:00 часот во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг.