Машката репрезентација на Македонија имаше победнички старт на „Жолтиот Куп“ во Винтертур, откако ја совлада селекцијата на Бахреин со 32-28.
Селекторот Кирил Лазаров ги сподели импресиите по мечот и вели дека и покрај победата, има многу работи што треба да се поправат во играта.
„Задоволен сум што сме дел од овој силен турнир. Овој турнир го одбравме за да имаме силни проверки пред Европското првенство. Добро трениравме и напорно, победивме, тоа беше целта против една квалитетна и борбена репрезентација. Имаме многу работи да поправиме, не сум баш најзадоволен со играта, но ова е само прв меч, се надевам дека на вториот ќе бидеме подобри, на треиот уште подобри и така да ја дигаме формата за она што не очекува на Европското првенство“, изјави Лазаров.
Прв ривал на Македонија на ЕП ќе биде актуелниот светски и олимписки првак Данска.
„Колку и да се подготвувате за Данска, пак ќе биде тешко. Се подготвувале и многу посилни од нас, па губеле по десет разлика. Ние немаме што да загубиме на тој меч, треба да ни биде чест и привилегија да играме со најдобрите во светот во последните пет години. Но секако дека ќе играме спортски и нема да се предадеме, но треба да признаеме дека се подобри и големи фаворити на тој дуел“, заврши Лазаров.
Следен предизвик за Македонија е денеска во „АКСА Арена“ во Винтертур, каде ривал од 17:45 часот ќе ни биде Украина.
Македонија со победничко отворање во Швајцарија – совладан Бахреин!

























