Лазаров избра – 21 ракометар во конкуренција, без важен адут на ЕП!

Селекторот на машката репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, го објави списокот на ракометари кои ќе бидат во конкуренција за настап на ЕП 2026. Лазаров ќе смета на 21 ракометар за време на подготовките, а најмалку 18 од нив ќе патуваат за Хернинг.

Нема поголеми изненадувања на списокот и меѓу повиканите има дури 20 од домашното првенство, а само интернационалец – Мартин Томовски од германскиот Битигхајм. На ЕП нема да настапи кружниот напаѓач на Вардар, Милан Лазаревски, кој допрва треба да се врати на терените поради повреда, па Македонија ќе биде без важен адут.

На списокот има и седум резерви – голманот Кизиќ, левото крило Ојлески, десното крило Петковски, левиот бек Ѓорговски, средниот бек Танкоски, десниот бек Николов и кружниот напаѓач Маркоски.

Maкедонија ќе ги започне подготовките на 22 декември, потоа заминува за Пореч каде на 28 декември е првиот пријателски натпревар против Хрватска. По Нова Година, репрезентацијата ќе биде дел од „Жолт Куп“ од 8 до 10 јануари во швјацарскиот град Винтертур, каде ќе тестира против домаќинот, Бахреин и Украина.

Македонија е во групата Б, која ќе ги игра своите натпревари во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг против домаќинот Данска, Португалија и Романија.