Машката сениорска репрезентација на Македонија денеска ќе ги стартува подготовките за бараж двомечот против Фарски Острови за пласман на Светското првенство 2025.
Селекторот Кире Лазаров пред двомечот со островската земја истакна дека неговите избраници ќе треба да го дадат максимумот доколку посакуваат пласман на Мундијалот.
,,По ждрепката кажавме дека можеме да имаме и подобра, но и полоша ждрепка. Фарски Острови е многу сериозен ривал, еден ривал кој што е во подем, самото име кога ќе го слушнеме нѐ наликува така, но сите знаат дека се работи за една квалитетна репрезентација. Морам да кажам дека мораме многу сериозно и многу фокусирано да ги одработиме овие подготовки за да се прикажеме во најдобро светло, бидејќи Фарски Острови во овие три до четири години во континуитет покажуваат многу добра игра, сериозни резултати и голем напредок. Анализите кои ги направивме покажаа дека во секој сегмент во играта знаат што прават и мора серозно да се посветиме. Верувам во нашите момци, верувам во нашиот квалитет, имаме млада, но талентирана и добра репрезентација, која како поминува времето е сѐ подобра и подобра. Самите момци сериозно ќе го сфатат овој противник и ќе се обидеме да го искористиме овој период добро да се подготвиме, иако е празник, клубовите и РФМ ни излегоа во пресрет и ќе имаме еден-два дена повеќе за подготовки, тие два до три тренинзи повеќе ќе ни значат многу”, изјави Лазаров.
Стратегот на „црвено-жолтите“ вели дека Македонија мора да биде претпазлива на гостинскиот терен во Торшавн.
Ќе мора психички да се подготвиме за тој меч на гостински терен, бидејќи имаат мала сала, но ќе биде преполна, ќе има јак амбиент, па така мора да бидеме подготвени за да не дојде до некое изненадување, Имаме максимален почит кон противникот, но во исто време се почитуваме и самите себе и квалитетот кој го имаме. Сметам дека шансите се подеднакви, тие се една одлична репрезентација, знаат што прават, но верувам дека и ние имаме доволно квалитет да можеме да им се спротиставиме“, заврши Лазаров.
Првиот натпревар меѓу Македонија и Фарски Острови се игра на 8 мај во Торшавн од 20:00 часот, додека реваншот е на 12 мај во Скопје од 19:00 часот.
Митев: Клучно во баражот со Фарски Острови ќе биде одбраната
Сениорите од денеска на собир, ќе се комплетираат за неколку дена