Лазаров: Имаме јака база на играчи, на слатки маки сме кого да одбереме за ЕП

Машката репрезентација на 22 декември ќе ги започне подготовките за настапот на претстојното Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка.

Селекторот Кирил Лазаров на вчерашниот состанок на Управниот Одбор на РФМ даде отчет за сработеното во оваа календарска година по СП 2025 и ги откри плановите за подготовки за ЕП, но и потенцираше дека е на слатки маки околу изборот на играчи.

„Подготовките ќе се одвиваат во неколку фази, акцент ќе ставиме на воигрување на тимот, ќе ги искористиме сите можни денови на располгање. Добивме тешка група, се работи за домаќинот Данска, ќе пробаме достојно да го презентираме македонскиот ракомет, тука е Португалија која знаеме каков ракомет игра. Против Романија тука ја гледаме нашата шанса, нема да ја потцениме. Јас сум голем оптимист поради она што го гледам на теренот. Заедно со клубовите направивме јака база на играчи, имаме слатка мака кого да се одбереме. Но, тоа работа на вкус, секогаш ќе има незадоволни од изборот“, изјави Лазаров.

Македонија го стартува настапот на ЕП против Данска на 16 јануари, на 18 јануари ќе игра против Португалија, додека пресметката против Романија е на 20 јануари во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг.