Лазаров: Доаѓаат подобри денови…

Mашката репрезентација на Македонија го заврши настапот на Европското првенство на 14 позиција.

Пораз од Данска, реми со Португалија и победа над Романија, беа доволни за подобар пласман за три позиции од минатото ЕП.

Селекторот Кирил Лазаров сигурен е дека доаѓаат подобри денови.

„Во животот не може секогаш да победуваш, некогаш треба да изгубите, да паднете и повторно да се дигнете. Ние покажавме дека имаме квалитет, имаме идеја, играме различно. Дека имаме недостатоци, имаме многу, треба да се анализира сето ова за да бидеме уште подобри. Сметам дека оваа репрезентација треба да расте, ова е големо искуство особено за помладите, кои имаат помал број на големи натпреварувања. Ако сме паметни и ако работиме квалитетно мислам дека можеме да направиме чекор напред. Тој чекор не треба да го очекуваме да биде голем, но треба да е чекор напред. Исто како и сега, направивме чекор напред, но секогаш останува она дека можевме и подобро. Подобро по потешкиот пат да одиме, да не прескокнуваме скалила, сигурен сум дека ќе дојдат подобри денови“, изјави Лазаров.

Тој вели дека неговата цел не е да работи за да си ја задржи селекторската функција, туку да напредува македонската репрезентација и да направи нешто големо со неа.

„Имам амбиции, сакам да направиме нешто. Каде и да работам сум таков, така и ќе се поставуваме како репрезентација, немаме друг избор. Не сум овде за да направам нешто за да го задржам работното место, сакам да направам и да направиме нешто големо. Не ми е целта да останам и да бидам тоа што сум. Така размислувам јас. Тие што мислат дека правам се за да останам, не е така, сакам нешто да направиме и да оставиме нешто позади нас, дека е направено, дека тоа е нова генерација, со нови ракометари кои се компетативни со најдобрите итн. Не е воопшто лесно како Македонец, но ќе работиме на тоа“, заврши селекторот.

Следен предизвик за Македонија ќе биде баражот за Мундијалот во 2027 година.