Ракометарите на Македонија Ѓорче Петров славеа против Партизан Гевгелија со 34-31 во натпревар од 12 коло во Првата лига.
Иако избраниците на Оливер Димитриоски водеа со шест гола во првото полувреме, 14-8, дозволија гостите да направат комплетен пресврт и да водат со 24-22 на петнаесетина минути до крајот.
Беше реми, 30-30 кога остануваа да се играат уште пет минути, но паниката не ги надвладеа „лавовите“, кои преку Чакалиќ и Нацев стигнаа до плус два.
Најдобриот стрелец на гостите, Пејковски, доби црвен картон поради приговори кон официјалните лица, па Македонија Ѓорче Петров со уште два гола на Бучуковски и Тотиќ ја потврди победата.
Бучуковски со девет, како и Чакалиќ и Тотиќ со по шест гола беа творци на победата на Македонија Ѓорче Петров, додека Пејковски даде 14 гола за Партизан Гевгелија.
„Лавовите“ сега имаат 12 бодови на петтото место, додека Партизан Гевгелија остана на седум бода на десеттата позиција.


























