Тимот на Македонија Ѓорче Петров славеше на гостувањето кај Вардар Неготино во драматичен натпревар со 32-31 и сега има 14 на петтото место на табелата во прволигашката конкуренција.
Првиот дел беше израмнет, ниту една од екипите не направи поголема залиха, а во второто полувреме имаше многу возбудувања.
Клучниот период беше од 42 до 48 минута, кога по водството на неготинци со 26-24, момците на Оливер Димитриоски направија серија од пет гола и се одлепија на плус три, 29-26.
Голманот Стојкоски одлично го бранеше голот на „лавовите“ во овој период, а во нападот погодија Нацев, Тотиќ и Неделковски.
Имаа и домашните свои прилики да се вратат во игра но не ги искористија. Во последните секунди намалија на 32-31, но гостите ја задржаа топката и прославија голема победа.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Чакалиќ со десет гола, како и Ристески и Тотиќ со по пет, додека кај Вардар Неготино, Шилегов даде седум погодоци.
На табелата, Младост Богданци е прв со 24 бода, „витамините“ од Автокоманда имаат 22, 18 има Драчево Јуниор, Вардар Неготино остана на 16, додека „лавовите“ од Ѓорче Петров имаат 14 на петтото место.

























