„Лавовите“ ја потврдија разделбата – Мартиновиќ си оди!

Капитенот на хрватската ракометна репрезентација, Иван Мартиновиќ, по само една сезона во Рајн-Некар Левен ќе го напушти германскиот клуб.

Бундеслигашот ја потврди разделбата со Мартиновиќ, кој ќе се пресели во еден од најголемите европски клубови, исполнувајќи си го сонот – настап во најелитното клупско натпреварување.

Иако Рајн Некар Левен не го откри името на новиот клуб, јасно е дека следната станица на Мартиновиќ ќе биде унгарскиот гигант Веспрем.

„Ќе го остварам сонот да настапувам во најголемото клупско натпреварување и да се борам со најдобрите од најдобрите. Секако, поради тоа морам предвреме да си заминам од Рајн Некар Левен, што воопшто не ми паѓа лесно. Ќе ми недостигаат момците од соблекувалната, верните фанови во „САП Арена“ и на гостинските натпревари. Но, ова е единствена можност што не сакам, ниту смеам да ја пропуштам“, изјави Мартиновиќ.

На неговото место во Рајн Некар Левен доаѓа шведскиот десен бек Лукас Сандел од Веспрем, кој е дел од трампата и ќе остане една сезона кај „лавовите“ пред следното лето да се врати во Унгарија и да го облече дресот на ПИК Сегед.