„Лавиците“ од Ѓорче како фурија, го победија Тиват со 21 разлика!

Екипата на Ѓорче Петров е пред пласман во третата фаза од Европскиот Куп, откако на првиот дуел против Тиват славеше со 43:22.

На реванш средбата, која ќе се одигра во Тиват, тимот на Ѓорче Петров ќе може да си дозовли мал луксуз.

Македонскиот шампион предводен од Божиноска, која беше најекспонирана во воведниот дел, одлично го отвори дуелот и по пет минути игра дојде до предност од 4:1. Тимот од Црна Гора тешко се справуваше со одбраната на Ѓорче Петров, но и избраничките на Симе Симовски не ги искористуваа грешките на гостинките.

Во воведните 12 минути од мечот, предноста на Ѓорче Петров беше 6:4. По обидот на гостинот резултатски да се доближи, составот на Симовски врза два гола во низа и кон средината на првото полувреме дојде до дотогаш највисоките четири, 8:4.

Во црногорскиот тим до средината на првото полувреме светла точка беше голманката Даница Пандуровиќ, која не дозволуваше домаќинот да замине на повисока предност. По предноста на Ѓорче Петров од 9:5, гостинките со погодоците на Булатовиќ и Арсенијевиќ намалија на 9:7.

Ѓорче Петров во последните 15 минути заигра цврсто во одбраната и почна осетно да ја зголемува својата предност. Тиват прегоре во желбата да ги покаже своите квалитети и да парира во поголемиот дел од натпреварот. Домаќинките доминираа во финишот од првото полувреме и на пауза заминаа со плус десет гола разлика, 20:10.

Ракометарките на Симовски за неколку минути игра во второто полувреме зголемија на 29:13 и рутински ги одработија последните дваесетина минути. Противникот на Ѓорче Петров одвреме-навреме го гледаше голот во вториот дел и не успеа да го подобри впечатокот, па така високиот пораз беше неизбежен.

Кај Ѓорче Петров се истакнаа Ана Марија Коларовска со десет и Ива Божиноска со осум погодоци. Кај Тиват најрасположена беше Кристина Арсенијевиќ, шест пати се запиша во листата на стрелци.

Реванш средбата меѓу Ѓорче Петров и Тиват ќе се одигра на 1 октомври во Црна Гора.