Некогашниот ракометар на Еурофарм Пелистер, Реине Табоада, во иднина ќе го носи дресот на машката репрезентација на Холандија.
Кубанецот кој поседува холандски пасош бидејќи неговата сопруга е од Холандија, се најде на поширокиот список на селекторот Штафан Олсон.
Тој одамна не игра за селекцијата на Куба, а сега Холандија која е ривал на Македонија добија квалитетно засилување на левата бековска позиција.
Бековската линија со Дани Бајенс, Лук Стеинс и Каи Смитс и без Табоада делува опасно, а кога кубанскиот бек шутер ќе се додаде на оваа тројка, јасно е дека Холандија ќе може да се носи и со најсилните.
Иако Табоада засега е само на поширокиот список, со оглед на тоа што е натурализиран ракометар, логично е дека ќе се најде и на скратениот на Олсон за настап на СП, па ќе го гледаме и на дуелот со Македонија во Вараждин.